Приказната зад иницијативата


#ТвитерДедоМраз

Оваа граѓанска инцијатива започна спонтано, кога по предлог на @gogiche во 2017/18та година, преку хаштагот #ТвитерДедоМраз, се направи кампања за собирање средства за реновирање на детскиот дел од Неврохирургија. Иницијативата почна благодарение на Главната сестра на Неврохирургија, која љубезно замоли за помош за подобрување на условите во одделението.

Акцијата помина одлично и со помош на твитерџии од цел свет, како и неколку фирми од Македонија, успеавме да го реализираме проектот и да собереме средства за:

  • Да го реновираме одделението за деца на клиниката за Неврохирургија
  • Да помогнеме со парични средства за купување на возило за деца со посебни потреби, помагајќи на здружението Сплотени срца.
  • Да купиме новогодишна елка и подароци за 50 дечиња.

Иницијативата продолжи и 2018/19та година, но сега со многу поголем таргет и поголема логистика. Кон кампањата како официјален покровител се приклучи Европа, додека тимот на ГрабИТ го изработи веб-сајтот за донирање на пакетчиња, а дизајнот на сликите го направи Гоце Велески.

Во 2019/2020година, генерален спонзор беше Витаминка која донираше голем број на пакетчиња како и креативата за изработка на страницата. ПостЕкспрес беше главен спонзор и беа одговорни за доставата на пакетчињата низ целата држава. Иницијативата ја помогнаа и Roshen, со своја донација на пакетчиња но и други фирми кои ќе ги спомнеме во некоја друга прилика. Целта и оваа година беше да донесеме насмевки и љубов на преку 1000 дечиња и повеќе од 3000 подароци. Дел од собраните сретства од пакетчињата ги пренаменивме за други подароци како: школски прибор, книги, облека, храна но и други производи кои им беа потребни на семејствата опфатени во списокот што секоја година го ревидира Љубезност. ГрабИТ повторно беа одговорни за реализацијата на вебстраницата dedomraz.mk и целосната нејзина техничка поддршка. Искрено им благодариме на сите кои безрезервно се вклучија во оваа кампања #ТвитерДедоМраз 2019/20та.

Нашата цел годинава е да се подари пакетче на 1000 дечиња, избрани по претходно ревидиран список од страна на Граѓанското здужение Љубезност, кои лани направија слична акција и точно ги определија децата на кои им треба помош.

Важно:

Таргетот не е обврзувачи и зависи од тоа како ќе се реализираат донациите на пакетчињата.

Напомена:

Добро е да се напомене дека ниту една инволвирана страна нема профит од оваа кампања и дека сите средства кои се донирани, ќе бидат употребени за припрема на новогодишни пакетчиња и нивна дистрибуција до деца од загрозени семејства. Секој може да донира едно или повеќе пакетчиња во зависност од бројот на избрани деца. Листата на понудени деца е случајно избрана и има само основни податоци, незагрозувајќи го нивниот идентитет. Би биле среќни доколку оваа акција се прошири на повеќе социјални мрежи, како би се зголемил бројот на донации.

Времетраење:

Оваа година акцијата е предвидено да трае до Стара Нова Година односно 14ти јануари 2021 година. Заклучно со тој ден, сите пакетчиња ќе бидат доставувани на врата од страна на членови на Љубезност и поддржувачи на акцијата ТвитерДедоМраз, како и со помош на Пост Експрес кои ќе помогнат во логистиката.

Оваа година вклучивме и неколку нови спонзори: Виталиа, Фалкон Логистикс и Факултети.мк! Факултети.мк донираат 70 едукативни подароци од „Светот на Биби“, кои ќе бидат подарени по случаен избор, додека Фалкон Логистикс ќе се погрижи пакетчињата од Виталиа, кои се наменети за дечиња со посебни потреби, да бидат доставени до Здружението на деца и родители со посебни потреби „Сплотени срца“ од Штип. За уникатниот дизајн на Благодарницата оваа година се погрижи Tхе Мичо.


Здружение на граѓани за помош на бездомници социјално загрозени семејства и поединци „Љубезност“ - Скопје

Како и во изминативе години, така и овојпат здружението „ЉУБЕЗНОСТ“ донираните новогодишни пакетчиња од граѓаните и компаниите, ќе ги намени за дечињата од бездомните и социјално загрозените семејства ширум Македонија, чии семејства здружението ги има посетено во текот на 2019 година. Среќни сме што повторно заедно со вас ќе можеме да реализираме уште една хумана активност, со цел да ги развеселиме детските срца за време на новогодишните празници.